НАЈНОВИ ВЕСТИ

Илинденска атмосфера во Охрид кој го живее шпицот на туристичката сезона

Летно лудило го зафати Охрид, градот ечи од сите страни – Илинден го наполни туристичкиот центар. Слободни соби во хотелите нема, а дебело се офајдија и приватните станоиздавачи. Корените ги влечат и нашинците од дијаспората, кои последниве години се почесто доаѓаат, празнувајќи го овде денот на Републиката и големиот празник Илинден.

“Илинден значи многу за мене, секоја година си го славам Илинден било во Австралија било во Македонија, тоа е период кога нашите прадедовци се бореле за независна Македонија,крушевската република да биде прва република на Балканот и да биде слободна, независна Македонија” – вели Боне Кежоски,иселеник од Австралија.

Градот е преполн со гости,пред рестораните,во маркетите се чекаат редици, а на охридското шеталиште и по чаршијата посебно во вечерните часови, нема игла каде да се фрли. Во неподносливо топлите ноќи,градот е буден 24 часа.

“Оваа година има изненадувачки голем број на туристи, јас лично никогаш не сум имала олку групи како оваа година,можам да кажам дека имаме повеќе групи од пред короната.Јас работам на италјански и англиски,што значи имам најмногу груши од Италија,исто така има многи корејци,многу азијати оваа година,дури и американци.Нема место од каде што не доаѓаат луѓе” – вели Катерина Василеска, туристички водич.

Концертите посебно на балканските пеачи кои секојдневно ги има,го преполнаа Охрид. Охриѓани се жалат дека се под седативи, негодуваат дека поради прегласната музика, со денови не ставиле глава на перница, грми од стадионот и ноќните локали. Во претпладневните часови во центарот на градот се дише, претежно семејни луѓе уживаат во ретките часови кога градот тихува, за разлика од вечерните часови кога на шеталиштето нема место да се разминеш.

  • Шест години по ред доаѓам во Охрид и не ми е досадно. Никаш не ми е доста од оваа убавина. Пејсажите и тој спој со градот и неговата посебност ме воодушевуваат. Дојдовме да го видиме Охрид, да се увериме дека е навистина извонреден град. Штом ќе влеземе во Македонија се чувствува тој пријателски дух. Сите пофалби за Македонија и за Охрид – велат анкетираните.

Локалните власти се задоволни, велат дека нивните очекувања се целосно исполнети, ова ќе биде велат една од најуспешните тустистички сезони.

Росица Голабоска