Измина рокот, Мета не го потпиша указот за новиот прв полицаец

Албанскиот претседател Илир Мета не го стави својот параф на указот за новиот министер за внатрешни работи Сандер Леши. Согласно Уставот, крајниот рок за тоа беше до полноќ.

Предлогот го даде премиерот Еди Рама, по неотповикливата оставка што на таа функција ја даде Фатмир Џафај, а според Уставот, претседателот на државата указот треба да го потпише во рок од седум дена.

За порталот „Сири.нет“, Мета доцна синоќа изјави дека изминатите денови бил во посета на Франција и оти „ќе го најде потребниот начин да се произнесе околу ова прашање“. Сепак, денеска до пладне потпишан указ не е стигнат до Парламентот.

Тој, во оваа прилика не се двоумеше да го земе примерот на италијанскиот претседател, кој пред неколку месеци стави вето на указот за еден од министрите на новата Влада.

-Ќе најдам најдобар начин да се произнесам, изјави Мета не кажувајќи ги причините зошто му е потребно дополнително време за изјаснување околу ова прашање.

-Претседателот мора да ги почитува уставните надлежности.Тој не може да стави само формално потпис на указ,бидејќи тоа би било неодговорно. Уште повеќе кога станува збор ваква важна функција,која во актуелниот момент бара уште повеќе одговорност и внимание, посочи Мета.

Сандер Леши по чин е бригаден генерал, извршувал високи функции во армијата а во последните години е советник на премиерот Рама за безбедносни прашања.