Измените во Законот на здруженија и фондации и Законот за политички партии го поминаа собранискиот филтер

Измените во Законот на здруженија и фондации и Законот за политички партии го поминаа собранискиот филтер на Комисијата за политички систем. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ образложувајќи ги амандманите рече дека со законот се очекува  да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија, разгорување омраза или друга нетрпеливост, одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам.

Сметам дека е многу важно да се донесе ваков Закон, иако, на пратеничките прашања пред отворањето на Клубот „Ванчо Михајлов“, премиерот Ковачевски изјави дека е дадена насока на сите надлежни институции да се стопираат процесите на вакви клубови, сепак, шест месеци подоцна, имавме отворање на Здружение во Охрид со име „Цар Борис III“ – изјави Мизрахи.

И законот со кој им се забранува на политичките партии во своите програми да  бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам ќе биде донесен на брза лента.

Уставниот суд ја оценува уставноста на програмите и на статутите на здруженијата и на политичките партии, низ призма на што? Низ призма на недозволеноста да шират национална, верска, расна и друга омраза – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.

Во предложениот текст се наведува дека со Законот за политички партии ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст.

Измените во Законот за здруженија пак, дојдоа откако Бугарија отвори  Културен клуб и Здружение во Македонија со имиња на соработници на фашистите а институциите се правдаа дека нема конкретен закон по кој можат да постапат.

Пред да се најдат на пленарна седница, овие измени на предлог-законите, треба да добијат поддршка и од Законодавно-правната комисија.

Адријана Алексиеска

Advertisements