Издадени 30-тина лиценци за тезги, трошоците ќе достигнат 1.5 милион евра

Само 30-тина лиценци за продажба на зелени пазари издала Комората на трговци во изминатите 3 дена. Дури 20 илјади тезгаџии имаат ваква обврска. Организаторите на пазарите не се откажуваат, бараат одложување или укинување на Законот за трговија на зелени пазари кој стартуваше од почетокот на годинава. Велат дека со него, се доведува во прашање нивниот опстанок. Се договориле дека нема да склучуваат нови договори за закуп на тезги се додека не се најде решение за проблемот.

Организаторите на пазарите ќе го информираат премиерот и надлежните министри за нивните барања. Веќе се сретнале со пратеници од СДСМ и ДУИ за да се пожалат на законското решение, но засега остануваат без одговор дали пратениците од власта ќе имаат слух за да ги спречат енормните трошоци кои пресметале дека ќе достигнат 1.5 милион евра. Толку пари ќе треба да потрошат тезгаџиите за да ги извадат потребните лиценци.

Лиценците чинат 60 евра од тезга годишно и дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга. Законот забранува на зелените пазари да продаваат пензионери, вработени и сите други кои имаат некаков хонорар. И додека организаторите на пазари прашуваат каде ќе одат собраните пари и кој и како добил овластување да врши лиценцирање, од Комората на трговци на Македонија апелираат до тезгаџиите побрзо да извадат лиценци како што налага законот. Глобите се движат од 150 до 2.000 евра зависно од прекршокот.

Тања Попова