Изгор цени во маркетите – граѓаните се организираат на социјалните мрежи за да купуваат директно од земјоделците

Наместо во маркет или на пазар, преку интернет. Среде енормен раст на цените, граѓаните сами се снаоѓаат и смислуваат начини како да купат поевтино, односно да продадат поефикасно. Одреден период на социјалните мрежи веќе кружат понуди со продажба на млеко, млечни продукти, јајца, брашно, домашно сувомеснато. Станува збор за понуда од поединци и мали бизниси. Главниот мотив е полесно да се преброди прехранбената криза која се должи на енормно високите цени во маркетите, но и да се купува домашно произведено.

Ќе има млечни производи, сувомеснати производи од домашно производство. Фирми нема да бидат дозволени, но мали бизниси да, имаме примери да речеме каде што има некоја месара која што е една и цело семејство го работат тоа, имаат фирма месарница тоа е дозволено меѓутоа цените на базарот мора да бидат сериозно поевтини од она што го продаваат во месарницата, изјави Бојан Велевски – организатор на ОНЛАЈН БАЗАР

Продажбата наскоро ќе стане и официјална. Под мотото ВРЕМЕ Е ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ во недела ќе се промовира т.н. Онлајн базар. Голем број граѓани веќе се придружија на овааа иницијатива, а организаторите апелираат за почитување на правилата за учество. Дел од луѓето кои ја споделуваат објавата, апелираат, да се приклучат што повеќе производители.

Иницијативата е во период кога млекото, сирењето, сувомеснатите производи стануваат луксуз за голем број од граѓаните. Но проблеми имаат и производителите кои не можат да издржат со ниските откупни цени. Па оттука и јавноста беше сведок на примери како пиперки се фрлаат на буниште, или драматични апели на сточари и производители на млеко дека се пред пропаст. Власта досега се правда дека мерките што се преземале давале резултати, а притисокот бил резултат на ефектот од глобалната криза.

Бојана Златкова

Advertisements