Извештај на Хелсиншки и Институт за европска политика: Најголем проблем партизацијата на администрацијата

Партизацијата на државната администрација останува еден од најголемите проблеми во државата, стои во Извештајот на Хелсиншкиот комитет и Институтот за европска политика Скопје за реформите предвидени со поглавјето 23.

Според зборовите на претседателката на Хелсиншки, Уранија Пировска, полнењето на администрацијата со партиски членови било нешто што очекувале дека нема да го видат од оваа власт.

-Пред се треба да постои надградување на капацитетите во државната администрација, а тоа не може да се случи доколку и понатаму постои партизација на државната администрација, односно вработување само поради партиска припадност. Тоа беше феномен на поранешната власт и тоа беше нешто што ние како граѓански сектор очекувавме дека нема да го видиме со оваа Влада, изјави Пировска.

Според последниот извештај на народниот правобранител, граѓаните најмала доверба имаат во судството, а во извештајот на Хелсиншки и Институтот за европска политика се забележува дека токму во овој сегмент реформите се само на хартија, а имплементацијата допрва би требало да следи.

-Во областа на правосудството детектиравме клучни реформски закони кои што беа усвоени, како што се законот за судовите, законот за судскиот совет, кој што е во собраниска процедура и фокус генерално на легислативната рамка. Она што е значајно е дека допрва следи имплементацијата, изјави Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска полтика.

Генералниот заклучок од извештајот е дека постои само декларативна волја за менување на одредени состојби, кога се во прашање реформите во Македонија.

-Се уште за многу прашања сепак остануваме на една декларативна волја без конкретна мерка за менување на одредени состојби, изјави Уранија Пировска.

Како напредок во овој реформски извештај се наведува изгласувањето на законот за спречување и заштита од дискриминација, а како голем проблем пак се наведува состојбата на ромската заедница во државата.

Матеја Петровски