Избори за Конгресoт – демократите имаат мнозинство во долниот дом, републиканците во Сенатот

Првите резултати од таканаречените среднорочни избори во САД покажуваат дека Демократската партија ја поврати контролата во долниот Претставнички дом на Конгресот, додека републиканците ја зголемија својата моќ во Сенатот. Иако им беа неопходни 23 места во Конгресот, демократите веќе имаат 25, а американските медиуми предвидуваат дека ќе успеат да стигнат и до 35 места во Претставничкиот дом.

-Овие избори не беа само заради демократите и републиканците, туку и за враќање кон основите на американскиот устав, за враќање на контролата и рамнотежата во администрацијата на Доналд Трамп. Демократскиот конгрес ќе работи на решенија кои обединуваат, бидејќи доста ни е од поделби – порача лидерката на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Од друга страна Републиканската партија и претседателот Доналд Трамп се задоволни бидејќи ја задржаа контролата врз Сенатот, добија тројца сенатори повеќе, а некои симулации покажуваат дека на крајот од изборниот процес ќе дојдат и до дополнителни двајца. Претседателот Трамп со ова добива можност многу полесно да поставува свои луѓе во Кабинетот и во правосудството, а особено е задоволен бидејќи Републиканци станаа сенатори на Флорида и Охајо, државите кои традиционално се клучни за претседателските избори.

Како што се очекуваше првата реакција на Трамп осамна на Твитер. Огромен успех вечерва. Ви благодарам на сите – напиша американскиот претседател.
Инаку жените во Конгресот ќе бидат застапени во досега најголем број, а во највисокото законодавно тело за прв пат влегоа и претставници на староседелците Индијанци како и на муслиманите.

Драган Милосављевиќ