Избори во Охрид: Милошевски вети општинска администрација достапна и услужна за граѓаните

Локална самоуправа која ќе се одликува со концепт на работа, чесност, отчетност и одговорност е тоа што му треба на Охрид и охриѓани. Отворена општина, општина што работи заедно со граѓаните треба да биде целта на секоја Локална самоуправа. Тоа денеска на охриѓани им го вети Митре Милошевски, кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Милошевски најави дека ќе ја претвори општинската администрација достапна и услужна за граѓаните, преку нови начини на организирање на работата.

Кој прв ќе дојде, тој прв ќе добие услуга. Воведување антикоруптивна мерка со која нема решавање предмети преку ред. Нашите луѓе имаат капацитет, тие се вредни и чесни луѓе, секој стручен во својата област и треба да се искористи нивното знаење и посветеност кон работата. Буџетските средства мора да се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, рече меѓу другото тој.

Истовремено го најави проектот „Е-Охрид“, што предвидува воведување комплетна дигитализација на сите внатрешни бизнис процеси во Општината како и воведување на електронски сервиси за граѓаните и компаниите.

Со внатрешната дигитализација во прва фаза ќе се дигитализираат сите податоци од секторите за: даноци и комунални такси, урбанизам и заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај и улици, туризам и локален економски развој, јавни дејности, финансиски прашања и правни прашања, за потоа во втора фаза се обединат во еден интегриран систем кој ќе биде јавно достапен за граѓаните и бизнис заедницата со цел сите услуги кои ги дава општината, граѓаните и бизнис заедницата да ги остваруваат по електронски пат, рече тој.

Согласно новиот начин на работа, комуналната такса за привремен престој ќе може да се пријавува и плаќа по електронски пат, поднесувањето на даночни пријава и плаќањето на данокот на имот ќе може да се поднесува и плаќа по електронски пат, издавањето на изводи од урбанистички план и други податоци со кои располага општината исто така ќе може да се поднесуваат по електронски пат, а документите да се подигнат било на шалтер на општината, било на посочена адреса или на емаил на барателот.

Со овој проект значително ќе се забрза работата на општинските служби, ќе се намали можноста за корупција и ќе се доближи општината до граѓаните. Преку проектот „Промена во одданочувањето“ ќе се спроведе промена во даночните стапки за викенд куќите и становите, со цел поголема сеопфатност. Исто така ќе се спроведуваат „Основни ИКТ обуки за граѓани“ во бесплатните интернет клубови, а приоритет ќе имаат повозрасни лица и лица од социјално маргинализирани групи. ИКТ обуките ќе се организираат за основни вештини за практично работење со компјутер и интернет (Word, Excel, PowerPoint, Outlook, Skype), рече кандидатот Милошевски.

МИА