Изборите ја спречиле исплатата за семејствата на загинатите и повредените во несреќата кај Ласкарци

Изборите ја спречиле исплатата на парична помош за семејствата на загинатите, но и за повредените што ја преживеаја страшната сообраќајна несреќа на кобниот 13 февруари на патот Скопје-Тетово, вели за Алфа градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари. И појаснува – од денеска започнала исплатата на парите.

-Имавме избори, а во период на избори не се реализираат вакви одлуки. Мислам дека оваа недела започна реализацијата на паричната надомест. Добив информација дека денеска се извршува исплатата, изјави Таравари.

Одлуката да се помогнат повредените со 15.000 денари, советниците на општина Гостивар ја донесоа на 27 февруари.

-Оваа помош е во знак на солидарност кон настраданите во трагичниот настан, кон семејствата на загинатите и на повредените во автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово. По 30.000 денари ќе добие семејство на настраданите, а по 15.000 денари ќе добијат повредените, стои во образложението.

Изборната кампања започна на први април. Па, нејасно е зошто не биле исплатени парите во меѓувреме, бидејќи за ова, општината имала време речиси цел еден месец.

Алфа побара одговор и од Град Скопје. Бидејќи на повредените, и оттаму им беше ветена еднократна парична помош од 30.000 денари.

Од Град Скопје засега молк. До почетокот на вестите не одговорија на прашањата зошто досега не се исплатени финансиските сретства.

Владата пак, во април вети дека повредените ќе бидат ослободени од плаќање партиципација при користењето на здравствени услуги. Од таму сега се правдаат дека досега никој од повредените не им пријавил дека плаќал од сопстевен џеб, и дека одлуката мора да се почитува.

Дел од повредените во несреќата се обратија до редакцијата на Алфа. Велат наместо пари од државата, досега добиле само празни ветувања. Се плашеа да говорат пред објективот на Алфа, сакаа да останат анонимни, но во телефонски разговор споделија дека сите здравтсвени услуги самостојно си ги плаќаат.

Гостиварскиот автобус на „Дурмо Турс“ излета од патот кај селото Ласкарци на 13 февруари. Обвинителството констатира дека причината за несреќата се неисправност на возилото, поточно на сопирачките, и брзо возење. Возачот, сопственикот и раководителот на „Дурмо Турс“ сега во куќен притвор.

Сања Трајковска Ставров