Започнаа изборите во Црна Гора, право на глас имаат 540.026 граѓани

Избирачките места за парламентарните избори во Црна Гора и локалните избори во Будва, Котор, Тиват, Андријевица и Гусиње беа отворени утрово во 7 часот, а граѓаните ќе гласаат до 20 часот.

Право на глас во Црна Гора имаат 540.026 граѓани кои гласаат на 1.217 избирачки места.

Денешните парламентарни избори се единаесетти по воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора и петти по враќањето на независноста.

На парламентарните избори учествуваат шест коалиции и пет политички партии.

Парламентарните избори ќе ги следат 2.089 набљудувачи, од кои 265 се странски.

Претседателот на црногорската Државна изборна комисија (ДИК) Алекса Ивановиќ на правата прес-конференција соопшти дека гласањето почнало на речиси сите избирачки места во 7 часот, освен на едно место, каде почнало подоцна и таму гласањето, според правилата, ќе биде продолжено.