Изборите во Тетово го влучија алармот – аналитичарите сметаат дека е време за предвремени парламентарни избори

Потребно е да се измешаат картите, нов шпил, нова политичка постава – резултатите од последните избори за Совет на Општина Тетово, и градоначалници на Маврово-Ростуше и Центар Жупа покажуваат дека ситуацијата на политичката сцена е алармантна бидејќи разочараноста кај граѓаните во континуитет расте. Според аналитичарот Агим Јонуз популарноста кај актуелната влада опаѓа, па така решение би биле нови парламентарни избори.

Факт е дека ситуацијата е повеќе од спремна, и е алармантно дека многу работи се изменети на политичката сцена и во расположението на народот. Излезноста е малечка. Тоа покажува дека, на сите анкети, бројката на оние што не излегуваат, не гласаат, и не знаат за кого би гласале, или не сакаат, е се поголема. Тоа значи дека мора нешто да се смени. Не верувам дека некои нови избори би направиле спктакуларна промена, но дека треба да се измешаат картите, нов шпил, нова политичка постава, што значи и нови избори. Прашањето е кој е тој што ќе биде нов, свеж, што ќе ја смени амбиенталната структура на политичката сцена – вели политичкиот аналитичар Агим Јонуз.

Според Јонуз, слабиот одзив во последните неколку изборни процеси, но и резултатите од анкетите кои покажуваат дека се повеќе граѓани воопшто не би излегле на гласање, бараат промена во амбиенталната структура во политиката.

Народот е очаен. Она што воопшто скока, навива, коментира, тоа е една група што е заложник на политичките партии. Едно е форма друго е суштина. Форма е политичката структура, но суштината покажува дека е разочаран. Актуелната влада не може да го губи легитимитетот додека легитимно постои, но и опаѓа популарноста, уште повеќе ќе и опаѓа бидејќи пред нас се проблеми кои се нерешливи.. Се ќе има и повици за нови избори, но прашањето е што ќе сменат новите избори – додава Јонуз.

Голем дел од политичките аналитичари, спас од политичката криза гледаат во предвремени парламентарни избори. Последните анкети покажуваат дека опозиицската ВМРО-ДПМНЕ ужива поголема доверба од владејачката СДСМ, доколку се одржат парламентарни избори. А според експертите, тенкото мнозинство во Парламентот, уште по изборите во 2020 година, веројатно го наметнува како логичен заклучокот дека за функционалност на државата се неопходни нови избори.

Адријана Алексиеска