Иднината на СЈО преминува кај пратениците

Законот за јавно обвинителство повторно во фокусот на јавноста. Стариот предлог закон за кој од власта велеа дека е одличен, сега ќе го преправаат, па новиот ќе го достават пред пратениците утре.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак децидна, прифаќаат СЈО да биде дел од ОЈО, но овој пар копјата на власта и опозицијата ќе се кршат околу идниот шеф на институцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е неприфатливо на чело да застане Вилма Русковска, самиот нејзин предлог од страна на премиерот Зоран Заев, за опозицијата е потврда за спрегата СДСМ, и ‘Русковска обвинителството’.

Од СДСМ пак велат дека предлогот обвинителката Рускоска да го води новото Јавно обвинителство за организиран криминал не било одлука на политичарите, па побараа од опозицијата да го поддржи новиот предлог закон.

Од ДУИ пак го поддржуваат новото законско решение, но за тоа – кој ќе биде на чело на институцијата не треба да одлучат политичките актери, туку Советот на јавни обвинители.

За движењето БЕСА пак е важно да се одржат предвремени парламентарни избори,па потоа да се преговара за законот.

Инаку , во новиот предлог закон стои дека СЈО како структура треба да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и добива нов назив: Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на државата и ќе има гаранции за самостојно делување во рамките на сегашните кои ги има СЈО, но во хиерархија и субординација со државното обвинителство.Сите случаи на СЈО кои се пред судовите ќе продолжи да ги застапува новото ЈО. Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Мери Ѓорѓиевска