Игра на тронови на Илинденска – Медиуми менуваат министри, деманти, директори заминуваат, се прават списоци

Пробен балон, опомена, тектонски промени во целиот сектор здравство или мини реконструкција на владата – власта се подготвува за кадровско поместување. Овие шпекулации стануваат се погласни откако во медиумите како гром од ведро небо одекна веста дека министерот Беким Сали во септември ќе се повлече, информација што тој експресно ја демантираше.

Повеќе медиуми, кои важат за блиски до власта, објавија дека наводното заминување на Сали е само вовед во мини реконструкција на владините функционери. Според нив, целта била СДСМ повторно да си го врати здравство во свои раце. Тезата ја поткрепуваат и со тоа дека тие не удираат само на фотељата  на Сали, туку и со промени на повеќе директорски места, дел од нив, веќе почнаа.

Сали демантира дека ќе заминува.

– Ниту сум планирал, а ниту има такво нешто дека ќе се повлечам од позицијата. Баш сега во септември имаме бројни проекти, кои ни се планирани да ги реализираме. Тука е и Клиничкиот центар. Ама, очигледно не се согласуваат со некои работи, па се трудат да ми ја дескредитираат работата, вели Сали во изјава за „Фокус“.

Но и покрај овој демант, во јавноста веќе почнаа да се вртат имиња на луѓето кои би го презеле здравството. Се споменуваат тројца директори како  кандидати за министер и тоа сите од СДСМ: Софија Пејкова, актуелната директорка на Клиниката за пластична хирургија, на Инфективната клиника,  Милена Стевановиќ и првиот човек на ГОБ „8-ми септември“ Христијан Костов.

Изненадени од најавата, Пејкова коментира дека пациентите и се на прво место и дека таа е човек која си ја сака работата на Клиниката за пластична хирургија. Сосема сличен одговор дал и Костов.

Сепак, промените некаде веќе се започнати. Прва од директорското столче како директор на здравствен и санитарен инспекторат си заминува Ирина Бухова, а според најавите следна ќе биде директорката на Институтот за радиологија,  Гордана Антулеска Белчевска.

Доколку се оствари ова сценаро, тоа би било првата промена што ја прави актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Тој стана премиер откако Зоран Заев си замина бидејќи неговата партија ги изгуби локалните избори лани. Заедно со Ковачевски имаше и рокади во останатите министерства, по што Алтернатива ги презема здравството, информатичко општество и министерство без ресор задолжено за дијаспората. ДУИ остана со речиси непроменет кадар, со неколку трансфери.

Викторија Миткова