Игра ли Владата на кусо сеќавање на јавноста за оставката на директорот на затворот во Шутка?

Оставката заради инцидентите во февруари во кои беа нападнати и истепани притворените поранешни министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, што си ја поднесе директорот на затворот во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски , не е приоритет за одлучување од страна на Владата. Дванаесет дена по изборите, на Илинденска број 2 не се дискутирало за тоа дали ќе биде прифатена, или не.
-Владата не разгледувала кадровски прашања откако се распишаа претседателските избори во земјата. Оставката на директорот во затворот во Шутка Ѓоко Котевски, ќе се разгледува на некоја од следните владини седници, велат од Влада за Алфа.
Во меѓувреме, интернет порталите пренесуваат фотографии од фејсбук профилот на Котевски каде тој остварува редовни средби со сите останати директори на казнено поправни домови, односно работи со полна пареа. За време на предизборието пак, самиот споделуваше фотографии од кампањата во Бутел за поддршка на Пендаровски.
Дали уште стои на ставот за оставка? Дали можеби има информација кога ќе биде процесуирана во Владата и дали веќе го подготвува теренот за негов наследник? Побаравме директно одговори од Котевски. Во телефонскиот разговор ни рече кусо „немам коментар за ништо од ова“.
Кога се случија инцидентите во казнената институција што ја раководи беше ревносно одлучен за оставка. Ама и исто толку ревносно зборуваше за тоа дека двајцата поранешни министри испровоцирале да се случи инцидентот.
Во извештајот по тепањето беше констатирано дека најмалку 11мина од вработените во затворот не ја вршеле работата како што треба, по што и следеше оставката, што требаше да се процесуира по изборите.
Но Котевски не единствен чиј случај е под лупа на јавноста, ами и неговата сопруга. Односно нејзиното вработување во Управата за јавни приходи. До сега нема одговорност за него во врска со ова, а антикорупциска најави оти допрва ќе ја истражува работната позиција на која е поставена Катерина Котевска, односно како се нашла таму.
По тепањето Ристовски остана во притворен во Шутка а Јанакиески беше трансфериран во куќен притвор. Двајцата се најдоа таму под сомнение за вмешаност во настаните во Собранието на 27 април.
Искра Коровешовска