Иванов: Да ја препознаеме симболиката на оваа посета, да си простиме, да се сплоптиме, додека не е предоцна

Претседателот Ѓорѓе Иванов од Вила Водно, пред македонскиот државен врз и дипломатскиот кор, му посака топло добредојде на папата Франциск, истакнувајќи дека оваа историска посета се случува на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските со Светиот престол и се заблагодари за континуираната поддршка за нашата европска интеграција и за напредокот на државата.

-Вашата апостолска посета е полна со симболика. Но, тука има еден проблем. За современиот човек симболот е испразнет од суштината. Слободата, еднаквоста, правдата, човековите права се симболи што ги инспирирале генерациите да се борат против ропството, сиромаштијата, неправдата и уништувањето. Денес овие зборови почнаа да го губат значењето, а кога з боровите и симболите го губат нивното значење, луѓето ја губат нивната слобода, рече Иванов.

Тој истакна дека во ера на конзумеризам, корпоративизам и постхуманизам папата не потсетува дека постојат нешта што имаат вредност, а немаат цена, а тоа се светоста на човековиот живот, интегритетот на човечката личност, достоинството на различноста.

-Вие не поттикнувате да ги земеме предвид не само нашите непосредни потреби, туку и потребите на другите да направиме простор за другите во нашите животи и во нашите заедници. Во нашите заедници. Да ги надминуваме сите наши семејни недоразбирања во љубов. Не освестувате за незаменливата улога на жените. Со сето тоа станавте инспирација за милиони луѓе низ светот. Но, како е тоа можно во време кога во неброени политички декларации овие симболи беа сведени на празни формулации, рече Иванов.

Иванов истакна дека го завршува својот мандат како претседател со тоа што го пречекува папата Франциск во земјава.

-Искушението да зборувам за славното минато е големо, но верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност колку и да е тоа тешко. А вистината е дека вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница, посочи Иванов.

Според него, децениските блокади на европскиот пат на земјава довеле до политички и морални кризи што, како што рече, го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродира вистинските трајни вредности.

-Крстот и Полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе независно од нашата вера, рече Иванов.

Тој посочи дека само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството, но затоа, истакна, е потребна личност со голем морален авторитет што ќе и зборува на душата на нацијата.

-Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, евреи или атеисти, токму во вашата светост гледаат таква личност. Затоа, симболично како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете за духовната обнова на нашата татковина, рече Иванов во своето обраќање.