Ивановски: Очекувавме поголемо штедење, помало трошење

Очекувавме поголемо штедење, а помало трошење – вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски по објавувањето на ребалансот на буџетот. Вели фискална консолидација мора да има, а овој буџет тоа не го овозможува. За него е изненадување податокот дека државата треба да ги задолжи граѓаните за речиси една милијарда евра или поточно 900 милиони. Предупредува дека на долг рок ваквите политики ќе го направат долгот неодржлив.

Своето незадоволство веднаш по објавувањето на ребалансот на буџетот го искажаа од Сојузот на синдикати. Велат во прекроената државна каса нема пари за ветеното зголемување на платите на административците.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2.806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130.000 работници во државата“ – велат од ССМ.

Компаниите ја губат ликвидноста и помош за нив мора да има. Ивановски апелира Владата да ја напушти политиката на т.н. „needy економија“ во која постојано разни групации бараат некаква помош и субвенции. Таргетот на новиот пакет мерки според него треба да биде насочен кон бизнисот, бидејќи фирмите ќе го наполнат повеќе буџетот и ќе креираат повисок економски раст.

„Државата и владата да размислат како да го променат амбиентот и да креираат подобри услови за стопанските субјекти кадешто во фокусот ќе се најдат оние гранки кои можат да ја повлечат економијата напред бидејќи на Македонија во вакви услови и треба економски раст кој по својот износ може да ги надмине каматните стапки по кои треба да се задолжиме“ – вели Ивановски.

За праксата која се повтори и оваа година – капиталните инвестиции да се скратат од над 600 на 520 милиони евра, Ивановски вели е редовна појава. Според него, јасно е дека администрацијата има ограничен капацитет да ги процесуира и реализира клучните проекти кои носат развој. Очекувањата на Владата се дека во прекроената државна каса ќе се слеат 4 милијарди евра приходи, но ќе се потрошат рекордни 4,7 милијарди евра или 260 милиони евра повеќе. Растот се очекува да биде 3,2 %, а инфлацијата  да надмине 7%.

Тања Попова