Ивановски: Доколку Грција не го ратификува Договорот, уставните измени не важат

Ако грчкиот парламент не успее да ја обезбеди потребната поддршка за ратификација на Договорот од Преспа, уставните измени кои ги изгласа македонското Собрание нема да важат. Иако со прогласувањето на уставните амандмани во петокот , формално-правно се влезени во сила, а начинот и времето на нивната примена е утврден во Уставниот закон, сепак ако едната страна не го испочитува договорот, се ќе се врати во првобитн состојба, објаснува за Алфа поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

-Со прогласување на уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 всушност тие се веќе во сила. Доколку дојде до проблем во Грција тогаш ќе се примени инструментариумот кој е содржан во Уставниот закон и Спогодбата од Преспа – сите измени кои се направени во Македонија се поништуваат бидејќи другата страна не ја исполнила својата обврска, вели Ивановски.

Граѓаните со поделени мислења откако беа изгласани уставните измени во петокот – за едни со гласањето Македонија изгуби се, но и такви кои велат дека постигнат е добар договор.

Одлуката за менување на Уставот се уште не е објавена во Службен весник, но според Ивановски тоа е само процедура, која при неуспешност на целиот процес ќе биде ирелевантна. Ниту претседателот Иванов не може да стави потпис за нивно објавување, бидејќи Собранието веќе ги ги прогласи. Доколку договорот не успее, најверојатно Собранието на РМ на седница само би ја констатирало состојбата.

Ивана Соколовиќ Најдова