Мицкоски: Заев ја докажа спрегата со Русковска-обвинителството

-По вчерашната прес конференција на Зоран Заев уште еднаш се докажа спрегата меѓу него и Русковска-обвинителството, вели првиот човек на ВМРО ДПМНЕ. Како аргумент за начинот на кој делува ОЈО, Мицкоски потсети на неговиот случај на уценување од страна на Катица Јанева, тој да го поддржи првичниот закон за ЈО, а таа за возврат да го одмрзне имотот на партијата – за што обвинителството, водено од Русковска досега молчеше. Мицкоски рече оти ова го зборувал и претходно, но никогаш не добил соодветен третман од ЈО, ниту по допрен глас.

-Го повикав Јавниот обвинител да ме повика да посведочам бидејќи бев предмет на уцена од страна на Катица Јанева, кога она истата бараше од мене да го поддржам законот за јавно обвинителство, а се со цел да го одмрзне имотот на партијата којшто, како нелегален тужител, го замрзна, а судот под притисок на СДСМ и обвинителството го потврди тоа барање, рече Мицкоски вчера од Битола, рече Мицкоски.

Алфа побара одговор од обвинителството, зошто до сега не е постапено по допрен глас и зошто Мицкоски не е повикан, објаснување не добивме само кусо дека: „ќе биде контактиран да даде изјава“.

Коментирајќи го новиот закон со кој Заев го збриша СЈО, и се креираше ново обвинителство за организиран криминал и висока корупција што ќе го води Русковска, Мицкоски категоричен:

-Покрај тоа што се потврди тврдењето дека станува збор за Русковска- обвинителство директно под влијание на СДСМ и Зоран Заев он испорача уште неколку негови желби на прес конференцијата. Но кога се покажа дека институцијата која требаше да биде симбол на правото и правдата во оваа држава, потврди дека е практично најкорумпираната рекетарска институција која е во тесна спрега со Владата. Тоа, впрочем, го потврди и Зоран Заев кога кажа дека стои цврсто позади Катица Јанева, рече Мицкоски.

-Не гледаме веќе никаков изговор од опозицијата да избегнува разговори и договори околу ова прашање, освен доколку нема намера и понатаму да нанесува штети на својата држава и да заштитува нечиј криминал. Искрено се надевам дека тоа не е така, и секако и јас а и сите во државата ова ќе го увидиме следната недела и таа седмица после следната недела, рече Заев на вчерашната прес конференција.

Но според Мицкоски, основа за лидерска нема. Ќе го анализираат новиот предлог закон па ќе се произнесат. А во меѓувреме не отстапуваат од законското решение што како партија го најавија кон крајот на овој месец.
Дали во меѓувреме се согласил со лидерска средба на покана на шефот на државата?

-Ако сака да јас и он тет – а – тет разговараме, тогаш ќе мора да го направи тоа што јас и јавно го побарав од него а тоа е најпрво да се повлече од изјавата за македонскиот деец Гоце Делчев, а потоа да се извини на македонските граѓани и македонската нација за таа изјава, нагласи Мицкоски.

И покрај категоричните позиции на Заев дека предвремени парламентарни избори нема да има, Мицкоски е оптимист. Не верува во конзистентноста на пораките на премиерот, па е сигурен дека набргу ќе нема друг излез освен да договорат датум за предвремените.

Искра Коровешовска