Зошто Македонија заостанува зад соседите во трката за странски инвестиции?

Ја губи ли Македонија битката со соседите во привлекување на странските инвеститори? Земјава со години каска зад околните држави на ова поле, најмногу зад Србија, бидејќи сè повеќе компании се решаваат да вложат таму, наместо овде. Додека Србија лани привлече речиси 4 милијарди евра странски инвестиции, а Албанија над една милијарда евра, Македонија со 512 милиони евра се најде во друштво на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, држави кои не се толку успешни на овој план. Многу инвестиции останаа само на најави – Гугл, Фејсбук, Икеа, Фолксваген се само дел од нив. Сега, надлежните со нова најава – Македонија е била во трка со Србија и Хрватска за привлекување американско-тајванска компанија која треба да инвестира 300 милиони евра.

„Значи инвестицијата се мери во стотици милиони долари. Во текот на летото ќе имаме и засилен ангажман од наша страна за да можеме да ги убедиме претставниците на компанијата, највисокиот менаџмент на компанијата да донесе одлука сепак да инвестира во Македонија. Бројките вообичаено не ги коментирам вкупно на странски инвестиции бидејќи кај одредени држави кај странските инвестиции се сметаат и инвестиции во искористување на природни богатства итн, особено в ослучајот со Србија и Албанија, што не е случај со нашата држава“ – вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Компаниите кои работат во индустриските зони, во последниве две години се соочуваат со бројни проблеми – алармираа дека поради прекинатите синџири на испорака, производството се одвива забавено, се соочуваат со можност од прекин на снабдување со гас чија цена неколкукратно се зголеми, а континуирано кубурат со квалитетен кадар за работа. Директорот на зоните, Јован Деспотовски вели дека фирмите имале резерви и засега не пријавиле поголеми проблеми.

„Очигледно е дека цената на енергенсите е значително покачена, меѓутоа мислам дека успешно се справуваат. Минатата година имавме кај некои компании поддршка од наша страна, мислам нефинансиска поддршка за да ги пребродат притисоците кои беа поврзани со последиците пред се од пандемијата. Минатата година и оваа година редовно ги исполнуваме обврските на државата кон компаниите“ – вели Деспотовски.

Убедливо најголемата инвестиција која се оствари во овој регион беше онаа на јапонската компанија „Нидек“која одлучи да инвестира близу две милијарди евра во фабрика во соседна Србија. Нашиот северен сосед со години е лидер на западен Балкан во привлекување странски инвестиции. Во последниве три години и покрај кризата, имаат над 9 милијарди евра влез на странски инвестиции годишно, додека во овој период во Македонија влегле едвај една милијарда евра. Србија има четирипати повеќе население од Македонија, па земјава треба годишно да има влез од околу 750 милиони евра за да и парира. Тоа досега не се случило. Најдобра година е 2018-та кога влегоа 614 милиони евра инвестиции претежно договорени од претходната влада.

Тања Попова