Зошто воспитувачките и негувателките уште немаат земено плата за периодот на штрајк?

Еден ден пред јуни, а вработените во градинките се уште немаат земено плата за април. Бројни поплаки од негувателки и учителки стигнаа до Алфа телевизија.

„Каква е таа демократија, каде за штрајк се казнува со 8000 денари од плата и плус, се останува без плата, а одговорност имаме за толку многу деца.“ – Ни се пожали загрижена воспитувачка во градинка.

Негувателките и учителките кои го подржаа штрајкот на СОНК, се изневерени и се подготвуваат да излезат на протест пред седиштето на синдикатот. Од СОНК, кој доби ветување од владата дека се ќе им биде исплатено на време, сега велат веројатно станува збор за бирократско доцнење. Не мислат дека вината е во Владата.

– “Вината ниту е во министерството, ниту во СОНК. Некои градинки ги немаат доставено корегираните списоци. Доцнеле. Праксата е плата да се исплати сумарно, на сите градинки. Ако една доцни, тогаш сите доцнат. Веројатно тоа е проблемот. Инаку, добив потврда дека се потпишани од страна на министерството. Верувам дека денес веќе платите ќе пристигнат.“ – Изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК

Побаравме одговор од министерството за труд и социјала, но, оттаму се уште нема одговор.
За време на штрајкот, од министерството бараа списоци за вработените кои штрајкувале. Се работи за околу 2.000 вработени во градинките.

– „Се направи спогодба. Градинките требаше да испратат корегирани списоци за да се исплати минимална плата. Не е сигурно која минимална плата ќе биде пресметана од министерството. Новата или старата. Тоа е тоа што ги збунува градинките. Како што објасни министерката, следниот месец ќе добијат 30% плус. Тоа е само правниот начин за да се исплати според новиот анекс на колективниот договор.“ – Додаде Неделков.

Инаку, платата на негувателките во градинките во моментов изнесува 18.821 денари, а на воспитувачките 24.900 денари.

Никола Цветкоски

Поврзани вести