Зоран Заев коавтор на научен труд за Преспанскиот договор

Преспанскиот договор како исклучителен успех на македонската дипломатија тема во научен труд во кој како коавтор земал учество и поранешниот премиер Зоран Заев. Како што стои во трудот чија содржина е на повеќе од 200 страници, Договорот со Грција според Заев е еден од најдобрите примери, дека е изводливо да се постигне решение во долготрајните спорови преку дијалог и дипломатија. За меѓународната спогодба која на Македонија и донесе ново уставно име, во делото пишува дека испратила „моќна порака до регионот но и светот, дека иако такви спорови има на сите континенти, меѓу многу држави, можни се решенија. И иако односите меѓу Грција и Македонија беа години заглавени ќор-сокак, Преспанскиот договор не се препишува како успех само на двете земји, туку и на целата Европска Унија.

Тоа е историски договор, не само за инволвираните партии и регионот, туку и за Европа и светот во целина. Ова е еден од најдобрите примери, што покажува дека е изводливо да се постигнат решенија за долготрајните спорови преку дијалог и дипломатија. Нашите одлуки треба да бидат корисни за идните генерации и затоа политиката на помирување е инвестиција во иднината. Сите заедно покажавме дека европски манири има и овде, на Балканот – пишува во научниот труд.

Во овој труд фокусот не е само на Преспанскиот договор туку и на Договорот со Бугарија, со кој Заев очигледно многу се гордее.

Овие договори се големи одлуки, но јас силно верувам дека големите промени доаѓаат со големи одлуки. Врз основа на овие принципи, во Договорот со Бугарија прифаќаме да делиме заедничка историја, како што повеќе земји на Балканот и во Европа споделуваат слична или иста историја. Ние се препознаваме меѓу себе и настојуваме да изградиме пријателство, да им дадеме простор на идните генерации да не бидат заглавени како нас.  – пишува Заев во научниот труд.

Главно во научниот труд се пишува за трнливиот пат кон европската интеграција, поглавја посветени на земјите од Западен Балкан, потребата за поголема меѓународна соработка,  односите помеѓу Србија и Косово, бриселските договори меѓу кои и договорите кои Македонија ги потпиша со соседите.

Иако Песпанскиот договор е прикажан како голем успех, тој не не однесе во Европска Унија, туку само во НАТО. Но она што придонесува за зголемување на евроскептицизмот во земјава се блокадите и уцените од страна на Бугарија, која извесен период го користеше правото на вето како земја членка на ЕУ, за сега да бидеме условени со внесување на Бугарите во Уставот за да продолжиме по европскиот пат, и покрај потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство.

Делото е објавено од страна на меѓународното научно списание „Европски перспективи“ кое презентира различни ставови за политичките, социолошки, безбедносни, економски прашања поврзани со европските и евроатлантските интеграции.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста