Знамето на универзитетот за туризам и менаџмент Лазо Миновски ќе го развее на Манаслу

Хималаите – ултимативен предизвик за алпинистот Лазо Миновски. Утре, на 6 септември 2022 година, Миновски тргнува за Непал, од каде што ќе го започне освојувањето на врвот Манаслу, осмиот по височина во светот, на 8.163 метри надморска височина на Хималаите. По претходни четири неуспешни обиди во 1950-тите години, врвот е прв пат искачен од јапонска експедиција во 1956 година.

Манаслу ќе биде првиот осумкилометарски предизвик на Лазо, да ја искачи „планината на духот“ и на нејзиниот врв да ги развее македонското, но и знамето на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Универзитетот, посветен и доследен поддржувач на спортот, е еден од пријателите на Лазо што го овозможуваат остварувањето на неговиот алпинистички подвиг.

Во минатата година, на 23.10.2021 година, Лазо заедно со Ирина Дишовска го развија македонското знаме на Ама Даблам, таканаречениот „врв-монструм“ на Хималаите, на 6.812 метри надморска височина. Ама Даблам е познат по суровите услови за искачување, кои одземале многу животи на алпинистите што се обиделе да го освојат.

На Лазо му посакуваме среќен пат за Непал!
Со лесни нозе по планините, да го штити духот на Манаслу!