Зеќири оди во куќен притвор

Мухамед Зеќири по еден месец на Инфективната клиника заминува во домашен притвор. Апелација му го прифати барањето од болница да не се враќа во Шутка. Второстепениот суд одлучил да му го одземе пасошот на Зеќири, а кога ќе биде спроведен дома нема детали – полицијата ќе го спроведе кога ќе има услови за тоа.

Екс-генералниот секретар беше сместен во Шутка на 8-ми април од кога беше осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, и си поднесе оставка од функцијата во Владата. Притворот му беше продолжен уште два пати, а на почетокот на јуни поради здравствени причини беше префрлен на скопската Инфективна клиника. 

Зеќири според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале двајцата осомничени хрватски државјани. Сомнежите се дека Зеќири го оштетил државниот буџет за речиси еден милион евра.

Слична беше ситуацијата и со неговиот колега Драги Рашковски кој се товари за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 80 илјади евра, а и самиот го патентирал. Дополнително, обвинет и за исплаќање на владини хонорарци чии пари си ги земал назад во кеш. Рашковски беше уапсен лани во април, помина месец и половина во Шутка, па беше пратен во домашен притвор без никакви гаранции. Понуди гаранција од 193 илјади евра и беше ослободен, со одземени патни исправи.

Антикорупционерите поднесоа инцијатива до Обвинителството,двајцата поранешни генерални секретари да ги гонат за хонорарите кои ги исплаќале во својот мандат со што за само 3 ипол години го оштетиле државниот буџет за 5 милиони евра.

Викторија Миткова