Земјотресот во Корча оштети 184 објекти

Министертвото за одбрана на Албанија претпладнево го соопшти билансот на последиците од серијата земјотреси што го погодија округот на Корча, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Евидентирани се 184 оштетени куќи, од нив 60 отсто ненаселени. Со полесни повреди се здобиле четири лица, кои по дадената здравствена услуга се пуштени дома. Поради големи оштетувања на нивните домови 230 лица, од нив 160 во Флоќ, 40 во Видово и 30 во Ќафзе, се сместени во колективни шатори подигнати од Штабот за цивилна заштита и армијата. Жителите од настраданите подрачја се обезбедени со храна и вода за пиење, стои во соопштението на министерството.

Се додава дека во Флоќ функционира 24 часовна здравствена заштита и оти санирани се поголемиот дел од дефектите во елеткромрежата.

Серијата земјотреси во овој југосточен дел на Албанија беа регистирани во текот на вчерашниот ден.

Првиот беше регистриран во 6 часот и 27 минути, со јачина од 4.9 степени според Европската макросеизмичка скала, на 18 километри јужно од Корча, на самата граница меѓу Албанија и Грција. Потресот бил на длабочина од 4 километри.

Вториот следеше неколку минути подоцна, со интезнитет од 5 степени. Третиот посилен земјотрес беше во 9:03 часот. Земјотресите беа почувствувани и во македонските градови: Охрид, Струга, Ресен и Дебар. Во текот на денот регистрирани се повеќе потреси со послаб интензитет.