Земјоделци контра Владата: Со замрзнување на цените надлежните свесно не носат во пропаст, пред очи ни тоне секторот

Власта свесно сака да ни го земе лебот со низата погрешни чекори кои од ден во ден стануваат се покатастофални, алармираат производители на овошје и зеленчук откако Владата стави мраз на цените на 11 земјоделски производи. За земјоделците владината одлука е погубна за секторот. Велат дека со последното замрзнување тие се обесправени, но и дека ова води кон затворање на оранжерии и пропаст за градинарското производство во земјава кое и онака е на стаклени нозе, зашто мораат да продаваат под производната цена.

  • Јас доматот го земам за 170 денари, како овој производ да го давам за 70? Каде е логиката? Абе тие свесно сакаат во пропаст да не однесат и да нема веќе домашно производство, нека земат да товараат тие на Кванташки, нека видат колку пари ги земаме, па нека дојдат тука да видат како е, и после тоа од ракав нека тресат цени, мизерија, алармираат земјоделци во изјава за Алфа, откако власта си тера по свое и става мраз на артикли.

Земјоделците прашуваат како може за работниците да има 200 евра плата, а за функционерите 2.000?! Велат тие да ги засукаат ракавите и да растовараат по цел ден, па после да “тресат£, како што велат, цени од ракав.

  • Јас работам за 200 евра, ние сите тука работиме за да преживееме. А они, функционерите си зголемуваат до 2.000 евра плата?! Па нели е срамота тоа? И после од нас бараат да намалиме на цената?! Како?! За која заработка, немам коментар. Нека видат како да се растовара, да се оди на Кванташки, да се плака скапо, и да се работи по цел ден, алармираат производителите за Алфа.

Власта најави проширување на листата на замрзнати цени за овошје и зеленчук, со што, според земјоделците свесно ќе се ништат  земјоделски сектори и ќе се дотолчи домашното производство.

Алармот од земјоделците доаѓа по владината одлука со која се замрзнуваат цените на доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот. Па така, килограм домати не смее да се продаваат над 70 денари, краставиците до 75, а максималната цена на пиперките ќе биде 90 денари.

Претходно и други произвoди добија „мраз“ меѓу кои и лебот, макароните, јајцата, оризот. Одлуката за замрзнување на цените за дел од економистите била нужна и дека тешко би го подобрила животниот стандард на граѓаните.

Борис Грујоски

Advertisements