Земјоделците од Карбинскиот регион на протест – бараат да добијат вода за наводнување на нивите

По овчеполските, рано утринава на предупредувачки протест излегоа и земјоделците од карбинскиот регион. Бараат водата за наводнување да стигне до нивните ниви, во спротивно се заканија дека ќе го блокират патот Штип-Кочани. Тврдат дека над 1500 хектари посеани под ориз, луцерка и други градинарски култури буквално горат за вода.
„Свети Николе изгоре, сега ние сме на ред да изгореме…. сега не знеме шо ќе направеме. Ни кажуват дека до 27 ќе немало вода, се ќе изгоре. Почнавме да се караме сами со себе„ изјави, Ѓорги Гоцевски, земјоделец од с.Долни Балван.
„Не можеме да произведеме храна за сопствената стока. Ако ова вака продолжи ќе бидеме приморани и ние да фаќаме џаде, да бегаме во странство. Вложив голем капитал, годините си одат, а пари нема„ изјави Методи Ефремов, земјоделец од с.Долни Балван.
Земјоделците тврдат дека петнаесетина денови каналите за наводнување се суви, а од Водостопанство ниту претходно ги исчистиле, ниту пак некој дошол да им објасни зошто нивите се суви. Поддршка добија и од градоначалникот на Карбинци.
„Бараме да дојдат од АД„Водостопанство„ да преземат мерка и да имаме вода во доволни количини. Бараната Калиманци е полна , а ние немаме вода. Проблемот е што не можат да ја донесат до нивите„изјави Павле Ѓоргиев, претседател на месната заедница на с.Крупиште.
„Каналите се во една запуштена состојба, не се одржуваат и сега се доведуваме во ситуација и кога би имало вода , да не стигне до самите земјоделски површини„ изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци, вели Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Од АД Водостопанство Кочани велат дека досега не биле известени за проблемот со кој се соочувааат земјоделците од трите села Крупиште, Долни и Горни Балван. Ги повикаа на состаноок за да се реши проблемот.
Александра Ристеска