Земјоделците на чекор до „зелена нафта“

И по речиси две години земјоделците се уште ја чекаат зелената нафта. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството дури денеска го објави тендерот, но не за набавка на нафта, туку за изработка на платежни картички. Со нив земјоделците ќе можат да купуваат нафта за механизацијата.

Околу 55.000 земјоделци за прв пат ќе бидат опфатени со мерката зелена нафта, а програмата за директни плаќања предвидува околу 3,2 милиони евра.

Земјоделците ја поздравуваат долго очекуваната мерка, но велат дека ќе ја коментираат тогаш кога ќе профункционира во пракса, а не само на хартија.

Поддршката во делот на зелената нафта, која власта ја најави уште во предизборието е повеќе од неопходна за земјоделците. Тие се жалат дека со години откупните цени им биле далеку повисоки од трошоците за производство…

На тендерот може да учествуваат сите странски и домашни правни или физички лица. Таа компанија што ќе го добие тендерот ќе има обврска да ги испечати платежните картици, по што ќе треба да ги остави до Платежната агенција која што преку Подрачните единици ќе ги доделува на земјоделците.

Износот пак ќе се одреди врз основа на големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции минатата година. Колку за потсетување, под раководство на министерот Љупчо Николовски производителите на јаболка и праски ја имаа најлошата сезона лани, а годинава доцни сеидбата на оризот.

Борис Грујоски