Земјоделците лути на министерот Николоски – работат со загуби
Производителите на жито и житни култури, лути на ресорниот министер Љупчо Николовски. Во отворена писмена реакција тие велат дека министерот ги изиграл, повикувајќи ги да го зголемат своето производство, со цел на државата да и’ се обезбедат доволни количини на жито и брашно, и да биде што помалку зависна од увоз, но заборавил да им каже дека се планира производеното да им се земе за џабе, односно за 10-тина денари од килограм.
„Министерот успеа свесно да ги втурне земјоделците во поголемо и скапо производство кое сега го продаваат со загуба, не покривајќи ја ниту производната цена. Затоа прашуваме: МИНИСТРЕ, кој ќе ни ја доплати разликата во цена од откупната до производната која според агроекономистите од Земјоделскиот институт во Скопје изнесува 19 денари ?“ – прашуваат земјоделците во дописот, и бараат – претходно утврдената цена да биде зголемена за уште најмалку 25 проценти. Во спротивно, земјоделците ќе работат со огромни загуби и на крајот ќе мораат да се откажат од производството, што пак, ќе биде погубно за цела држава.
„Ова не е закана, ова е ветување. Затоа, свестете се“, – му порачуваат земјоделците на министерот Николовски.
Дека состојбата во македонското земјоделие, особено по штотуку објавените откупни цени на лебното зрно, ни малку не е поволна за земјоделците, неодамна реагираше и лидерот на опозицијата.
„Ја видовме цената откупна која што ја објавија мелничарите. Таа треба да е некаде околу 8-9 денари, ако не се лажам, а производната е 19 денари. Значи, загубата од самиот старт е 11 денари. И сега, за што зборуваме?! Зборуваме само за луѓе кои што многу крадат и многу лажат. Доаѓа вистинска Влада која што ќе се грижи за земјоделците, земјоделска Влада, онаа Влада на ВМРО-ДПМНЕ“, – кажа Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ (14.07.2023).
Вчера пак, од Владата се пофалија дека на предлог на ресорното Министерство, Владата ја задолжила Агенцијата за стокови резерви, планираната јавна набавка за 15.000 тони пченица за потребите на стоковите резерви, наместо во еден, да биде поделена во пет лотови, со продолжен рок на набавката за дополнителни 10 дена. Исто така, оттаму уверуваат дека со почетокот на откупот, ќе се стабилизирал и пазарот на жито, што пак, наиде на силно негодување кај производителите.
Каролина Дурло