Здравство не ја коментира изјавата на Заев дека ќе се затвораат неконкурентните болници

Министерството за здравство без коментар по најавата на премиерот Зоран Заев дека ќе се затворат сите државни болници кои нема да бидат конкурентни на приватните.

Алфа Телевизија уште вчера го праша надлежното Министерство, дали ваквите планови биле разговарани на Илинденска број 2 и за колку време пациентите ќе може да се лекуваат по избор. Oттаму велат дека се подготвува детална анализа за можноста граѓаните да се лекуваат и во приватните болници на товар на Фондот.

„Идејата е граѓаните да немаат обврска да плаќаат за услугата, прегледот или лекувањето од свој џеб, туку тоа да биде покриено од Фондот. Тоа значи дека преку форма на јавно-приватно партнерство ќе им биде овозможено на пациентите да ги користат сите ресурси. Сметаме дека ваквото решение ќе биде поефикасно, планирани се и заштеди, а средствата повторно ќе се искористат за подобрување на здравствените услуги“.

Реакции кај стручната фела предизвика и најавата дека ќе се приватизира стерилизицијата на хируршките сали. Велат, за ваквата одлука на Министерството, не биле консултирани и прашуваат кој би бил одговорен во случај да настанат болнички инфекции?

Министерството планира да ја приватизира и Брзата помош, но и службата за домашна посета. За овие две дејности се работи физибилити студија, која според роковите треба да биде готова до крајот на неделава. Од Министерството откриваат дека во тек се изработки на физибилити-студии за јавно-приватно партнерство и за ПЕТ-центарот и за ин витро фертилизацијата.

Пред да дојде на власт СДСМ ветуваше квалитетно јавно здравство по терк на европското. Во нивната изборна програма „План за живот“ пишува дека СДСМ ќе воведе бесплатно болничко лекување за сите граѓани, а јавното здравство ќе обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги, без притоа граѓаните да плаќаат медицински интервенции во приватни болници.

Во меѓувреме, за изградба на нов клинички центар, кој според најавите, треба да почне да се гради до крајот на годинава, власта ќе потрошат фантастични 480 милиони евра.

Биљана Божиновска