Зголемен прагот за поврат на данок со проектот „Мој ДДВ“

Од 2023 година ќе се зголеми лимитот за граѓаните за поврат на ДДВ од скенирање на фискални сметки од сегашните 1.800 на 2.100 денари по тромесечие. Како што соопшти директорката на УЈП Сања Лукаревска, измената ќе почне да важи од почетокот на следната година.

Сакам да известам дека во наредниот период, координирано со министерот за финансии, ќе поднесеме предлог-измена на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица. Оваа измена е со цел од наредната година, односно од 1 јануари 2023, да се зголеми лимитот на повратот за ДДВ, со што граѓаните наместо 1800 денари за тромесечје, ќе можат да добијат максимален износ од 2100 денари, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска

Во однос на прашањето дали фискални сметки се издаваат секаде низ територијата на Македонија, а особено во западна Македонија, Лукаревска одговори дека во сите делови од земјата се врши контрола и се казнува доколку не се работи според протоколи

Имаме погрешна перцепција дека баш во тој дел таму не се издаваат фискални сметки, таму сме најмногу насочени во спроведување на делот на акциски контроли по законот на регистрирање на готовински плаќања и мислам дека таму имаме најмногу издадени решенија за забрана на вршење на дејности. И Кога разговараме со колегите од регионот, секаде е иста ситуацијата меѓутоа таму можеби се поригорозни казните во делот на траење на забрана на вршење на дејноста, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска

Во изминатите три години преку поврат на дел од данокот на додадена вредност кај граѓаните се вратени 4,2 милијарди денари. Апликацијата мој ДДВ денеска ја користат 460.000 граѓани. Највозрасниот регистриран граѓанин што ја користи апликацијата има 98 години.

Бојана Златкова

Поврзани вести