Зголемена потрошувачката на вода во Прилеп – Прилепски водовод вели има доволно вода и нема проблеми

  • И покрај изгор-летото, општина Прилеп за првпат има и повеќе од доволно вода за овој период од годината –

    Со вкупно 337 литри во секунда, од кои 300 се од „Студенчица“, а 37 литри од градските извори, општина Прилеп и покрај изгор-летото со температури околу 40-тиот степен, за првпат има и повеќе од доволно вода за пиење за овој период од годината. Иако потрошувачката е зголемена дури за 40 проценти, а и губитоците на вода од 50 проценти се високи, сепак со доброто менаџирање и континуираното осовременување на водоводниот систем, Прилеп добро се справува со контролирањето и испорачувањето на здрава и квалитетна вода до граѓаните, уверуваат од ЈКП „Водовод и Канализација“.

 „За првпат, после толку години, во самото ЈКП пред еден месец е монтиран нов мерач за матност и се вика „турбинометар“ што ни покажува во секој момент колкава е матноста на самата вода што доаѓа во градот. Тоа е инвестиција која што ја најавував уште од почетокот на годината и која со СКАДА-системот, а кој моментално се инсталира, за многу кратко време ќе биде завршена и ќе биде ставена во функција“, кажа Игор Гулабоски, директор на ЈКП „ВиК“, Прилеп.

  Исто така, според Гулабоски, доколку се појави потреба од зголемени количини вода, заради намалување на издашноста на „Студенчица“ или на изворите, прилепски „Водовод“ на располагање ги има и 10-те бунари кои редовно се одржуваат, со цел, веднаш да бидат ставени во функција ако има и најмало нарушување во водснабдувањето.

 „Одделението кое што е задолжено за одржување ги има исконтролирано и тековно ги контролираме дека се во овој момент во функција. Доколку дојде до таква потреба, ќе бидат ставени, но пак ќе нагласам – во моментов немаме потреба од бунарите“, – посочува Гулабоски.

    Инаку, Прилеп, и покрај вклученоста во Регионалниот водовод „Студенчица“, сепак како последен корисник во системот, со години беше еден од градовите кој имаше сериозни проблеми со водоснабдувањето и стана своевиден синоним за „општина без вода“. Со цел трајно решавање на проблемот, во периодот од 2010 до 2014 година со помош и средства од тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Министерството за транспорт и врски беше реализиран Проектот „Бунарски постројки Бегова ливада“ и тогаш беа избушени 10 нови бунари, вклучувајќи ја тука и целокупната инфраструктура за ова бунарско поле да профункционира и да обезбеди дополнителни 140 литри вода во секунда за пиење. Проектот се одвиваше во 4 фази и тој беше вреден над 65 милиони денари.

                                                                                     

  Каролина Дурло      

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста