Звиздиќ годинава очекува кандидатски статус за БиХ во ЕУ

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ верува дека БиХ е подготвена да стане кандидат за ЕУ и изрази очекување дека кандидатскиот статус ќе го добие оваа година.

Во интервју за сараевскиот портал Кликс, Звиздиќ рече дека БиХ годинава може да добие кандидатски статус, што би значело отворање ново поглавје за земјата. – Од тој момент, процесот не евроинтеграции ќе биде незапирлив и кој и да е поединец нема да може да го запре, рече тој.

Звиздиќ наведе дека стратегијата на надворешната политика на ЕУ се креира долгорочно, поради што и нема да има големи промени кога станува збор за односот на ЕУ кон Западен Балкан.

– Стратегијата на проширување или интеграција на Западен Балкан во ЕУ веќе е усвоена. ЕУ, посебно во последните четири години, покажува многу позитивен однос кон европските интеграции на регионот и БиХ, рече Звиздиќ, посебно укажувајќи на важната улога во тој процес на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Зборувајќи за Годишниот национален план за НАТО, кој чека на усвојување, Звиздиќ рече дека тоа пред се зависи од подготвеноста на политичарите да го почитуваат владеењето на правото.

– Тоа не е прашање на поединец или политичка партија и народ, како што се обидува да се претстави во јавноста. Тоа, наједноставно кажано, е прашање на владеењето на правото и дали ќе се почитуваат претходно усвоените закони, одлуки и стратегии, нагласи тој.

Звиздиќ потенцира дека кај секоја држава која станала членка на НАТО, БДП повеќекратно се зголемил и директните странски инвестиции се зголемиле за 10-15 пати, што значи јакнење на економијата и отворање нови работни места.

– НАТО носи бројни бенефити. Тоа е најорганизираната и најсилна алијанса во историјата на човештвото, потенцира Звиздиќ.