За 50 евра пораснаа основните трошоци за живот, Владата не нуди никакви мерки

Трошоците за живот нагло растат, а платите стагнираат. И Сојузот на синдикати на Македонија регистрира намалување на животниот стандард на граѓаните. Во мај, минималната потрошувачка кошничка достигнала 38.800 денари. Тоа е огромно зголемување од 3 илјади денари за 3 месеци или дури 4.600 денари за една година. Пресметките покажуваат дека ниту со една просечна плата, ниту со две минимални примања не можат да се задоволат најосновните егзистенцијални потреби на едно просечно четиричлено домаќинство. Токму затоа од ССМ ќе побараат линеарно зголемување на платите од 2.806 денари по работник во јавниот сектор со амандман на ребалансот на буџетот за годинава.

„Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува  секој месец. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени, како во јавниот, така и во приватниот сектор и покрај евидентните  противења на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците“ – велат од ССМ.

Синдикалната кошничка е зголемена поради енормно високиот пораст на цените на производите и енергенсите. Најголем раст има кај трошоците за исхрана и пијалоци за 3,3% споредено со претходниот месец, односно за дури 17% во однос на мај минатата година. Токму за најосновното, за храна, треба да се одвојат 17 илјади денари, што значи едвај стигнува една минимална плата. Статистика вчера измери инфлација од 12% во мај, а се очекува таа да се зголеми со јунската пресметка, бидејќи овој месец престанаа антикризните мерки.

И додека граѓаните и бизнисот на големо ја алармираат Владата под итно да донесе мерки за да им помогне, надлежните најавија поддршка, но дури во септември и не за сите.

За разлика од кај нас, државите од соседството му помагаат на населението и стопанството преку замрзнување на цените, ограничување на маржите, откажување од дел од давачките. Последно, Хрватската влада вчера реши да интервенира, преку намалени трошоци и маржи кои влегуваат во цената на горивата, со што нафтените деривати уште истиот ден поевтинија. И најголемиот трговски партнер на земјава. Германија се откажа од данокот на енергија за да обезбеди пониски трошоци за превоз на граѓаните и фирмите.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста