За функционерските плати експресно се најдоа пари – за антикризните мерки за граѓаните треба ребаланс на буџетот

Ниту високите цени ќе паднат, ниту антикризните мерки ќе стигнат до граѓаните за брзо време. За ценовниот шок, институциите допрва ќе почнат да соработуваат за да ги откријат несовесните трговци. Вицепремиерот Битиќи седнал на маса со првиот човек на Комисијата за заштита на конкуренција, Владимир Наумовски за да му укаже дека треба да се направат проверки бидејќи постои можност од картелско договарање на цени помеѓу трговците, но постапката може да потрае и цела година. И додека се чекаат надлежните да утврдат граѓаните ќе продолжат да пазарат по високи цени.
- „Постапката и кај нас и во Црна Гора, но и во другите земји од Западен Балкан отприлика трае една година. Но искуствено исто така при порастапката покажува дека соодветно проблемите се елиминирале при почетокот на постапката. Овде ние не алудираме или предијуцираме дека има карталско здружување, но сметаме дека има одредено договарање на одредени трговци и понатаму други чинители кои што нанеле штета“ вели вицепремиерот Битиќи.
Во меѓувреме, граѓаните ќе ги почекаат и антикризните мерки. Најрано во ноември се очекува Владата да го помогне буџетот на најранливите категории, но како и што точно ќе се донесе Битиќи не знае. Трговците иако се понадеваа, за нив Владата нема да одвои дел од колачот, бидејќи анализите покажале така.
- „Антикризните мерки не се носат за трговците, за да некаде некој нешто калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните. Да им се помогне на тие што денеска им е најпотребно. Затоа што сакаме да се справиме со последиците, зашто причините институционално ќе ги рашаваме. А последиците се тие. Денеска штетата најголема ја трпат крајните корисници, и затоа сметаме дека таму треба да се насочиме со одредени мерки…“ вели Битиќи.
Власта се правда со ребалансот за антикризните мерки, па затоа ќе се чека до ноември. Но ова не важеше за зголемените плати за функционерите и администрацијата за кои Владата обезбеди веднаш пари со т.н. прераспределба во буџетот, што министерот за финансии Бесими го правдаше дека не било ребаланс. Она што е извесно е дека за помош на граѓаните се предвидени 73 милиони евра. Ребалансот допрва треба да влезе во собраниска процедура.
Викторија Миткова