За сликање, поставена табла и ископана дупка, досега исплатени 167 милиони евра кон Бехтел и Енка
За досегашните активности околу изградбата на фамозните Коридори 8 и 10Д, а кои за јавноста се уште не се видливи, државата Македонија кон Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатила вкупно 167 милиони евра, потврди денеска првиот човек на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми. Рустеми уверува дека овие авансно уплатени пари кои биле во склад и со Договорот, а и со финансиската Програма одобрена од Владата, биле наменети за подготвителна мобилизација на Проектот. Според него, во моментов се работело на геомеханичките испитувања, а додека за прокетирањето на трасите ќе биле ангажирани сите расположливи капацитети од државата.
„Моментно се вршат геомеханичките испитувања на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Кичево. Се подготвуваат и елаборатите за експропријација. Денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектантни за проектирање на сите траси и патните коридори. Сакам да ја информирам јавноста дека сите капацитети во државата кои проектираат ќе бидат ангажирани. Ќе продолжиме најверојатно следната недела да доставиме барање до Министерството за танспорт за патните коридори. По добиеното одобрување ќе почнеме и со експропријацијата, а потоа и со градежните работи – истакна Рустеми.
Инаку, како што веќе информиравме, овие пари се уплатени во две транши. Првата, во април, во висина од 117 милиони евра и втората кон крајот на јуни, во висина од 53,33 милиони евра. Според Платформата „Отворени финансии“, со Програмата за финасирање на патна инфраструктура за Проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, за 2023 година, втората трансакција треба да изнесува околу 50 милиони евра. Но, Министерството исплатило дури три милиони евра повеќе од претходно предвиденото, што пак, повторно го отвора прашањето – дали навистина изградбата на овие коридори вкупно ќе чини 1,3 милијарди евра или пак, многу повеќе?! Ова, особено ако се има предвид и фактот што според овој документ, до крајот на годинава, предвидено е на „Бехтел и Енка“ да им се исплатат уште две транши пари во вкупна вредност од околу 250 милиони евра.
И додека милионските суми евра непречено и редовно се слеваат на сметките од Конзорциумот, на терен, состојбата е непромената. Освен таблите, по некоја дупка и празни „градилишта“ за еднократна употреба, друго ништо нема што би укажувало дека се работи на овој „национален стратешки проект“, како што го нарече најодговорниот координатор и прв вице-премиер, Артан Груби.
Каролина Дурло