За само шест години целосно се промени сликата: Како Македонците станаа малцинство во македонската Влада?!

За само шест години Македонците од мнозинство станаа малцинство во македонската Влада. Во првиот владин состав на Зоран Заев во 2017-та, албанскиот политички блок имаше министри само во правда, економија, животна средина, здравство и локална самоуправа. Имаа две вицепремиерски позиции, за евроинтеграции и за спроведување на Рамковниот договор и еден министер без ресор.

Како минуваа годините и желбата за задржување на власта целосно се промени сликата. Со најновиот договор меѓу Ковачевски, Ахмети и Таравари, сега Албанците ќе имаат дури девет министерски позиции, дел од нив и клучни ресори. Во време кога се наоѓаме во и повеќе од комплицирани преговори со Бугарија, со надворешни работи раководи Бујар Османи, во ек на голема економнска криза во финансии шеф е Фатмир Бесими, а во економија Крешник Бектеши.

За мир во куќата, за партијата на Ахмети беше измислена и нова позиција во Владата, прв вицепремиер или втор човек во владината хиерархија по Ковачевски, на која гордо седи Артан Груби. А ќе се оствари и најголемиот сон на ДУИ, во последните 100 дена од владиниот мандат премиер ќе биде Албанец.

-Се договоривме заедно, усогласено на предлог на ДУИ да дојде идниот македонски премиер од тие 100 дена кој што ќе ја извршува функцијата премиер, не технички премиер во техничка Влада, изјави Заев после договорот со Ахмети.

Нешто што во предизборието за тогашниот лидер на СДСМ беше невозможна мисија, најавувајќи дека ДУИ ќе оделе во опоизиција, ако останат на барањето за Албанец премиер.

-Ова е популистички чекор и тоа лажовен чекор на ДУИ, обсеан со национализам. Ништо повеќе нема, исклучиво заради партиско политички калкулации. И ќе кажав овој вид на кампања е прво лош за ДУИ, со ваквиот вид на кампања едно е јасно ДУИ ќе оди во опозиција, велеше Заев.

Покрај остварувањето на сонот за Албанец премиер, добивањето на клучните министерства во Владата, коалициониот брак меѓу СДСМ и ДУИ доведе прв пат во историјата собраниски спикер да биде Албанец, односно Талат Џафери, кој на оваа позиција е веќе шеста година.

СДСМ го почна владеењето во коалиција со Алијанса и со ДУИ, по само шест месеци партијата на Таравари излезе незадоволна од математиките за локалните избори, вакуумот го пополни БЕСА, но и тие се налутија поради заедничкиот предизборен настап на ДУИ и СДСМ. Кога мнозинството висеше на конец беше уфрлена Алтернатива која сега е жртвувна за повторно да влезе Алијанса.

Матеја Петровски

Advertisements