За работа во Германија и натаму ќе биде неопходна виза

За работа во Германија и натаму ќе биде неопходна виза. Германската амбасада во Скопје денеска реагираше на бројните дезинформации во јавноста и појавата на лажни посредници за вадење на работни визи. Повод се шпекулациите за укинување на визите за работа како и бројните дезинформации во јавноста дека од 1 јануари следната година на граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, наводно, повеќе нема да им биде потребна работна виза во земјите на ЕУ.

-Информациите за нов закон не се точни. На граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ потребна им е како досега, така и по 1.1.2019 г., валидна работна виза во Германија. Барањето за виза може да се поднесе само во германската Амбасада во Скопје и само таму се издава визата“, соопштуваат од амбасадата.

Се предупредува и дека амбасадата не соработува со посредници или агенции во процесот на издавање на визите. Повод е појавата на такви агенции и луѓе кои се претставуваат како посредници во процедурата, и ветуваат забрзување на постапката, велат од амбасадата.