За продолжено породилно државата нема пари, но има за лекување во приватни болници

Наместо девет, бремените жени вработени во неколку приватни компании по породувањето дома ќе седат по 12 месеци. Продолженото породилно отсуство ќе биде на товар на стопанствениците кои ваквата одлука ја донеле во разговор со синдикатите и со вработените. За власта иницијативата е добра, но за жените во јавниот сектор засега била невозможна. Велат, Фондот за здравствено осигурување нема буџет за ваква намена.

И додека бремените жени на товар на Фондот со своите новороденчиња ќе бидат само во првите девет месеци, Владата планира преку истиот тој Фонд да им овозможи на пациентите по свој избор да се лечат во приватните клиники. Ваквите планови пред две недели ги најави лично премиерот Заев кој тогаш тврдеше дека Фондот со буџетот од 500 милиони евра може да си дозволи да плаќа здравствени услуги во приватни болници.

Инаку, пред повеќе од две години околу 200 мајки поднесоа иницијатива до Парламентот со која бараа измени во Законот за работни односи со цел породилното отсуство за новите мајки да се зголеми двојно – од 9 на 18 месеци. Осум месеци подоцна, пратениците на СДСМ во Комисијата за политички системи оваа иницијатива ја отфрлија како неуредна. Иницијативата, тогаш наиде и на голема поддршка од страна на педијатрите кои сметаа дека е од огромна важност мајката да биде со бебето што е можно подолго.

Биљана Божиновска