За помалку од 4 години владата сака два пати да го менува Уставот, кои се процедурите?

Веднаш по летните одмори најверојатно во септември, власта набрзина ќе иницира отворање на Уставот. Владата ќе се обидува да обезбеди двотретинско мнозинство повторно да го смени Уставот, ама сега по бугарски терк – да се гарантираат правата на Бугарите во Македонија. Согласно процедурата, откако стокмениот текст ќе пристигне во Собранието во рок од три дена треба да се утврди дали ги содржи сите потребни елементи. Пратениците ќе го добијат материјалот, а најмногу за 10 работни дена во редовна постапка треба да се свика и пленарната седница, на која најпрво треба да се изгласа потребата за менување на Уставот, а потоа и да се гласа по предлогот. Во тие 10 дена треба да заседава и Комисијата за уставни прашања за да се разгледа предлогот. Она што е спорно во целата ситуација е што Владата дава насоки за постапување на Собранието, орган кој ја избира истата.

Сепак за целата постапка да помине во собранието потребно е 2/3 мнозинство, кое во моментов власта го нема. Ако се суди според бројката од 68 пратеници кои дадоа зелено светло за францускиот предлог, владејачкото мнозинство ќе треба да обезбеди уште 12 пратеници за да се случи менувањето на Уставот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе заверија изјави на нотар дека нема да гласаат за менување на Уставот.

 Сепак власта ќе брза да ја заврши процедурата, откако ЕУ јасно ја исцрта временската рамка според која доколку Македонија сака да ја одржи втората меѓувладина седница , за 16 месеци ќе мора да го смени Уставот.

Со потпишувањето на протоколот, Преамбулата на македонскиот Устав повторно оди на ревизија, овојпат по бугарски терк. Во Македонија станува пракса на барање на соседите Уставот да биде предмет на најголеми отстапки. По примерот на она што притискаше Грција, сега и Бугарија преку уставни измени се избори да се гарантираат права на бугарското млацинство во Македонија. Експертската јавност извесен период веќе предупредува дека македонските Бугари како признато малцинство веќе ги имаат загарантирано своите права. Бугарија веќе успеа да го наметне барањето за менување на македонскиот устав како услов за деблокада, но и услов за започнување на процесот на преговори.

Бугарите како малцинство никогаш не добиле забрана да формираат здруженија, ниту пак некој им поставил ограничувања како да се декларираат, што го потврди и Комисијата за заштита од дискриминација каде е пристигната само една пријава од граѓанин. 

Ивана Соколовиќ Најдова

Поврзани вести