За повеќе од два милиони верници денеска почна аџилакот во Мека

Повеќе од два милиона муслимани денеска го почнуваат аџилакот во Мека, во Саудиска Арабија, а тамошните власти предупредуваат дека нема да толерираат никакви обиди за политизација на овој верски собир во време на тензии во Персискиот залив.

Вкупно 2,5 милиона верници од странство и Саудиска Арабија се пријавиле за годинешниот аџилак.

-Верниците од цел свет добија над 1,8 милиона визи преку интернет, изјави еден од организаторите.

Аџилакот е еден од петте столба на исламот и секој муслимански верник треба да го направи барем еднаш во својот живот, доколку има средства за него.

Годинава аџилакот се паѓа во време на големи тензии во Заливот, каде во претходниот период имаше напади врз танкери со нафта, уривање беспилотни летала и запленети танкери.

Иранската агенција Тасним пренесува дека 88.550 ирански верници годинава учествуваат во аџилакот и покрај тоа што Иран и Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските односи.