НАЈНОВИ ВЕСТИ

За МНР нема проблем што нивниот најголем донатор доби милионски тендер за министерскиот совет на ОБСЕ

За состанокот на  70 министри на ОБСЕ во ВИП арената Борис Трајковски, и нивната безбедност согласно правилата на организацијата, Министерство за надворешни смета дека трошењето безмалку 5 милиони евра државни пари била најниската цена, споредено со други држави последниве 10 години што биле домаќини.

МНР се правда дека голема била важноста за состанокот на ОБСЕ па затоа морало така скапо да се организира. А како е можно најмногу да и се искешира на ЕУРОВИА, фирмата баш на внукот на Абдулаким Адеми од ДУИ, Елмедин Адеми, од МНР со вообичаен одговор – секогаш кога владата е фатена со вакви тендерски постапки. – Понудата од ЕУРОВИА била најевтина од сите 4 тендери. 

На јавната набавка се пријавија вкупно четири компании а изборот на изведувач на работите се вршеше врз основа на понудена најниска цена. Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од трето-рангираната и четврто-рангираната компанија. Увид во постапката и изборот кој е целосно согласно процедурите имаат сите институции и јавноста, а одлуката ја потврди и второстепената Комисија. За предвидените работи беше склучен договор во рамковен износ до 95 000 000 денари, а ќе се искористи согласно потребите и поединечните цени понудени како најниски за извршените работи, велат од МНР.

Според договорот што го склучиле МНР и фирмата Еуровиа, спортскиот центар ќе се реновира од корен: Ќе се вршат градежни работи, водовод и канализација, мобилна опрема, изнајмување на електрични инсталации како и изнајмување на дополнителна опрема и ентерирер коај ќе биде демионтирана после настанот.

Во меѓувреме, се појави и договор што го склучило Министерството за надворешни работи со пиар агенцијата, омилена на власта, „Рејтинг“. Таа добива 100 илјади евра  за да ја организира и  ја промовира конференцијата.  Нејасно е зошто, кога во Министерството има служба за односи со јавност, но и Владата има вработени и ангажирани лица за пиар, фотографи и сниматели.

Иако Алфа се обрати до министерство зошто дополнителни пари се трошат за Рејтинг, а не се ангажираат државните пиар службеници, оттаму молк.

Улогата на Македoнија како претседавач на министерскиот совет на ОБСЕ за 2023 ќе ја чини државата неколку милиони евра, најмногу до 5. За овие пари одлука донела Владата на седница. Претходно, како што информираше министерот на Османи на почетокот на годинава, од Министерството за надворешни биле побарани и повеќе, дури 8 милиони евра.

Паула Костадиноска