За максимум 7.200 денари поврат на ДДВ годишно, секој месечно треба да потроши најмалку 22.220 ден

Најмногу 7.200 денари годишно може да добие секој граѓанин од поврат на 15% од ДДВ. За да ги добие овие пари, секој ќе треба да потроши најмалку 22.220 денари месечно за стоки и услуги за кои ќе добие фискални сметки. На оваа сума пресметаниот ДДВ од 18% го достигнува лимитот од вкупно 4.000 денари месечно. Денеска Владата ја претстави мобилната апликација, што стартува од први јули, преку која ќе се одвива овој процес. Граѓаните треба да се регистрираат во системот Е-ПДД на УЈП, да ја преземат мобилната апликција „Мој ДДВ“ и да го внесат корисничкото име и лозинката од профилот на системот Е-пердонален данок (Е-ПДД). Откако ќе креираат ПИН, апликацијата се активира, а луѓето ќе треба само да го скенираат баркодот од фискалната сметка. Притоа максималниот износ на сметката не треба да надминува 30.000 денари, а ДДВ да не биде поголем од 4.000 денари месечно, 12 илјади квартално и 48 илјади денари на годишно ниво. 4-члено семејство може да добие назад најмногу 28.800 денари годишно.

„Персонален данок на овие средства нема да се наплаќа. Се очекува за три месеци да има поврат на ДДВ за едно физичко лице од околу 1.800 денари, при што месечната потрошувачка треба да биде 25.000 денари“, рече Тевдовски.

Платена сметка од 1.000 денари, содржи данок од 180 денари, што значи дека секој ќе добие поврат од 27 денари. Сепак, треба да се внимава процедурата да се направи што побрзо. Фискалните сметки треба да бидат скенирани со мобилните телефони најдоцна до 10 дена од издавањето на дискалната сметка. Владата тврди дека овој проект ќе ја намали сивата економија што во моментов достигнува 30%, бидејќи граѓаните ќе инсистираат продавачите да им даваат фискални сметки. Нема решение за постарите граѓани и оние што не можат да се снајдат со сметките, освен да побараат помош од некој близок или да му дадат полномошно за да им ги скенира сметките.

Во процесот ќе можат да учествуваат сите граѓани што имаат најмалку 15 години, се регистрирани во системот, имат лична карта и трансакциска сметка. Првата исплата ќе се изврши во декември, а наредните ќе се исплаќаат секој февруари, мај, август и ноември за потрошеното од претходните три месеци. Поврат на ДДВ ќе се врши само на фискални сметки, а не на фактури и сметкопотврди. Сметките за комуналии не се вклучени. Повратот ќе ја чини државата 50 милиони евра народни пари.