За земјоделците новиот модел за субвенционирање е „мачка во вреќа“ и е на штета на земјоделците?!

Новиот-предлог модел за субвенционирање на земјоделците е добар само за земјопоседниците кои ништо нема да работат, а ќе се богатат на грбот од земјоделецот. А додека помалите земјоделци кои произведуваат храна за домашни потреби, како и за стоката, ќе немаат никаква можност да земат парцели, а уште помалку субвенции. Ако на ова се додаде и новата обврска за задолжително осигурување на посевите како услов за добивање на субвенции, тоа ќе биде и буквално погребување на и онака отепаното македонско земјоделие, реагираат земјоделците на социјалните мрежи.

   „На пример, ако штетата од невреме е 100 посто, повеќе од сигурно е дека осигурителните компании нема да ја исплатат целата сума, туку тие компании пак ќе бараат од државата, зашто ќе се жалаат дека ќе им пропадне бизнисот ако штета е над 30 проценти и нема да исплаќаат суми над сумата што е уплатена од осигуреникот“, анализираат непосредните земјоделски производители.

   Дека новиот предлог-модел за субвенционирање влева страв и несигурност кај помалите земјоделци дека пак ќе бидат изиграни, говори и фактот што тие подолго време, на разни начини бараат и тие да бидат вклучени во креирањето на националните земјоделски политики. Велат дека само со таква непосредна интеркација помеѓу директните производители и надлежните институции, може да се постигнат реални ефекти, а не законите да се носат од канцеларии.

  „Министерството за „неземјоделие“ си тера своја политика, си ги „држи“ своите луѓе, си прави јавни огласи за распределба на државно земјоделско земјиште каде што олигарси и блиски луѓе до Министерството, секогаш си добиваат, а обичниот земјоделец е последна дупка на „свиралото“, – посочува Тони Ангелески, земјоделец.

   Инаку, со новиот предлог-модел за субвенционирање, според предлагачите, односно ресорното Министерство,  требало да се подобри управувањето со парите од граѓаните како би се добиле подобри ефекти во производството на храна, особено во време на криза.

Целта што треба да се постигне е да се зголеми поддршката за субвенции за оние култури и производи кои ги бара пазарот по примерот на европските искуства. Директните плаќања да бидат насочени кон долготрајна одржливост на активните земјоделци чија главна дејност е земјоделството, одржување на обработливите земјоделски површини и зголемување на производството на храна, стои во предлог-законот.

Каролина Дурло

Advertisements