});

За едно деноноќие три жртви во две сообраќајки на превојот Плетвар

Превојот Плетвар продолжува да биде црна сообраќајна точка. За само едно деноноќие, згаснаа три животи во две одделни сообраќајни несреќи. Според Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, дваесет минути после полноќ, на магистралниот пат Прилеп – Градско кај местото викано Тројаци, патничко возило *Опел Астра* со прилепски ознаки излетало од мостот во провалијата, при што на лице место починале 37-годишниот возач Оркан И., како и неговиот сопатник, 56-годишниот Риза М. и двајцата од Прилеп. Во вадењето на автомобилот и на телата  интервенирала  ТППЕ од Прилеп.

Само неколку часа пред оваа сообраќајка, односно во 17.10 часот, на истиот  патен правец, се случила уште една, во која  се судриле   патничко моторно возило „Фиат“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 45-годишниот Н.К. од Крушево, и моторцикл „Јамаха“ со охридски регистарски ознаки, управуван од 20-годишниот М.М. од село Слатино, кој починал на лице место. Телата на сите загинати по налог на истражен судија предадени се на обдукција со цел утврдување на причините за несреќите.

Инаку, поради големата фрекфенција на соообраќајот на овој патен правец и честите сообраќајни несреќи кои се случуваат со години, уште минатата Влада го започна неговото реконструирање. Според тој Проект, градежната траса е долга над 33 километри и од 2016-та година се гради во три фази, а вкупно чини преку 60 милиони евра. Првата фаза која е завршена, опфаќаше десет километри на потегот Фариш-Дреново, и чинеше 31,8 милиони евра. Со втората фаза, пак, која е во тек, се започна дури пред три месеци, откако лани во јуни, новата власт ги стопираше градежните активности заради наводни пропусти во проектната документација пришто реализацијата на овој капитален проект стагнираше цела година. Оваа фаза опфаќа траса долга 16 километри, чини 23 милиони евра и треба да биде завршена наредната година.