Со недели чекавме  на Србија за сончогледово масло, сега ќе извезуваме во Албанија. Додека очекувањата беа дека Македонија ќе работи на стабилизација на домашниот пазар, ние ќе го спасуваме албанскиот.    Министерката за финансии на Албанија најави дека од утре почнува увозот на сончогледово масло од Македонија кое претходно се увезувало од Украина.

Република Северна Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки изјави Делина Ибрахимај, министер за финансии на Албанија.

Таа додаде дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на Отворен Балкан.  Дека од утре ќе биде отворен извозот со Р.Албанија  потврди и македонскиот министер за економија Крешник Бектеши.

Македонските граѓани со недели не можеа да најдат масло за јадење, а онаму каде што го имаше достигна цена и по 130 денари за шише.  За да се справиме со недостигот сите очи беа вперени кон Србија, која ни пушти само рафинирано масло.

Недостигот на масло за јадење во државава беше причина минатиот месец да се ограничи количината која едно лице може да ја купи во маркет и ваквата  одлука важи до 31 мај.  Причината за ова Бектеши ја наведе во тоа што граѓаните трупале непотребни залихи, а и граѓани од регионот купувале количини на зејтин од кај нас.

Инаку според податоците на статистика маслото и маснотиите поскапело за 20,2 отсто за еден месец.

Кристина Алексиеска

Advertisements