За Дескоска преговарање е процес во кој само ВМРО-ДПМНЕ мора да отстапи од позициите

Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска пред денешната нова рунда преговори за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство изјави дека не гледа надеж дека нешто посебно би се случило доколку претставниците на ВМРО-ДПМНЕ останат на своите ставови.

Препораките кои ги добивме се многу јасни и се упатени јавно дека она што меѓународната заедница ќе го цени како позитивен исчекор, но и како одлучност во борбата против криминалот и корупцијата, е праќање на сигнал дека било која влада не треба да се плаши од борбата против корупцијата бидејќи секој тип на незаконско делување во рамки на било која влада треба да биде казнето со организирање на јавно обвинителство кое ќе гони сторителите на висока корупација. Во нашиот закон е ставено како Специјално јавно обвинитество кое ќе ги задржи постојните капацитети и ќе добие проширени надлежности и гаранции за своето идно делување“, изјави Дескоска денеска пред конференцијата „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“.

Таа додаде дека ќе направат напори да се постигне двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на овој закон.

Прашање на пратеничките групи и политичките партии е дали ќе сакаат да се приклучат во евроинтергативните процеси или ќе стават приоритет на штитењето на криминалот во сопствените редови“, нагласи Дескоска, не посочувајќи дали мисли и на својата партија СДСМ и нејзината одговорност доколку пропаднат преговорите поради неспремноста да се прифатат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ.