За две недели ќе се знае дали струјата ќе поскапи, ДДВ „ќе скокне“ од 5 на 10%

За две недели ќе се знае дали ќе поскапе струјата за домаќинствата. Засега се знае само дека ДДВ за струјата се зголемува од 5 на 10% и дека ќе нема промени во блок тарифите за граѓаните. Откако ќе завршат тендерите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за набавка на струја и на МЕПСО и Електродистрибуција за покривање на загуби, енергетските компании ќе ги достават пресметките со трошоците до Регулаторната комисија за енергетика. Првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски вели дека проблематични би можеле да бидат трошоците за покривање на загубите, со оглед на превисоките цени на струјата на берзите. Тој уверува дека наредната година ќе нема потреба за увоз на струја за малите потрошувачи и домаќинствата, а тоа можело да се избегне и годинава ако не се случеле преминувањата на фирми од слободниот на регулираниот пазар.

„Понудите ќе бидат доставени во следните две недели. Треба да се види колку ќе бидат трошоците за набавка на загуби, колкава ќе биде цената на берзата на ХУПЕКС која денес е околу 400 евра за мегават-час и по колкава цена ќе може ЕСМ да му продава на универзалниот снабдувач ЕВН. Досега беше 48 евра за мегават-час“ – вели Бислимовски.

Неколку јавни претпријатија, меѓу кои и скопски „Водовод и канализација“ веќе побарале од Регулаторна да им одобри да ја поскапат водата за пиење. И покрај тоа што РКЕ има утврдени цени и за следната година, зголемените трошоци за струја си го направија своето. Токму затоа, неколку фирми доставиле нови пресметки со поголеми трошоци. Од Регулаторна комисија потврдуваат дека вакви барања пристигнале и дека забрзано ги анализираат.

Првиот човек на Регулаторна Бислимовски вели дека обвинувањата дека комисијата спротивно на прописите носи разни одлуки за цените на нафтените деривати, струјата и слично не држеле вода. пРавилата биле структно назначени и морале да се почитуваат. РКЕ веќе 5-та година по ред е прогласена за најдобар регулатор од страна на Секретаријатот на енергетската заедница. 

Тања Попова

Advertisements