„За Бугарија не постои македонски јазик“- со нови бугарски провокации започна седницата за гласање доверба за Владата на Петков

За Бугарија не постои македонскиот јазик, со една уште една ваква провокација започна седницата на која ќе се гласа за доверба на Владата на Кирил Петков. Пратеникот на Има Таков Народ, Станислав Балабанов, од собраниската говорница кажа дека Владата мора да падне, а една од причините за тоа е што премиерот подготвувал национално предавство во однос на спорот со Македонија.

-Што ни кажуваат всушност Французите? Пуштете ја Македонија, па ние ќе ви ветуваме, ви ветуваме некој ден дека ќе се погрижиме за правата на Бугарите во Македонија. Можеби за пет години, можеби за десет години. Вие пуштете ја Македонија, па ние после ќе се разбереме. Ние знаеме дека за вас не постои македонски јазик, но за нас во Франција постои. Вие пуштете ги, па нема никакво значење што постои за вас. Вие пуштете ги, ништо што за нив сте малцинство, еден ден ви ветуваме дека можеби ќе станете и државотворен народ, изјави Балабанов.

Кирил Петков во своето излагање ја премолче Македонија, повеќе говореше за финансиите кои Бугарија би ги загубила поради политичката криза и евентуалниот пад на Владата.

-Ве повикувам да се сетите повторно за вашата заклетва како народни избраници, во неа го нема ниту господинот Трифонов, ниту господинот Борисов, ниту Ахмед Дуган, ниту госпоѓа Митрофанова. Вие ги изрековте следните зборови: Се заколнувам во името на Република Бугарија дека ќе ги почитуван законите и Уставот на државата и во сите дејствија ќе се раководам од интересите на народот. Нека таа клетва ве води во вашето решение во текот на утрешниот ден, вели Петков.

Додека во Собранието се дискутираше околу иднината на бугарската Влада, ВМРО-БНД предводени од Ангел Џамбаски протестираа пред домот на бугарскиот премиер.

-Причината поради која сме тука е тоа што сакаме да слушнеме од премиерот одговори на прашања кои мислиме дека се важни во однос на двојната надворешна политика кон Македонија, изјави Џамбаски.

Покрај Македонија, најголем дел од дебатата во Собранието е и околу финансискиот крах кој според опозицијата и се заканува на Бугарија, што беше и една од причините поради која Слави Трифонов реши да ја напушти владината коалиција. Иднината на бугарската влада ќе се знае во текот на утрешниот ден, кога треба да се гласа довербата за Петков и колегите.

Матеја Петровски