Зачестија „пропустите“ со државната химна

Застанувајќи во одбрана на Тамара Тодевска, премиерот на Македонија Зоран Заев, изјави дека химната се пее секој ден и секаде, а изоставувањето на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански било ненамерна грешка. Но, дали химната се изведува секаде како што кажа Заев. Доколку се вратиме четири месеци наназад, при посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, македонската химна воопшто не беше изведена.

Тогаш од Владата се правдаа дека поради доцнењето при слетувањето на гостинот од соседна Грција изоставени биле протоколарните свечености, со цел да се добиело време за исполнување на работната агенда. Но, иако немаше време за химната, двајцата премиери најдоа временски период да си направат селфи.

Инаку, покрај тоа што химната воопшто не се интерпретираше при посетата на Ципрас во Македонија, во текот на кампањата за претседателските избори оваа година, на митинг на тогаш владејачкиот кандидат, сега претседател , Стево Пендаровски, се изведуваше химна без текст.

Иако химната на официјален пречек на странски политичар еднаш не беше воопшто изведена, на митинг на владејачката партија беше изведена без текст, од Владата во повеќе наврати во минатото најавуваа дека во истата нема да има никакви промени и интервенции.

-Химната апсолутно нема да се чепка ниту по еден основ, нема да постои никаква интервенција во текстот на химната на нашата земја, никаква интервенција, изјави Миле Бошњаковски во минатото, додека беше владин портпарол.

На социјалните мрежи имаше бура од негативни коментари откако Тамара Тодевска пеејќи ја химната ги заборави македонските револуционери.

Матеја Петровски