Зачестено сексуално вознемирување на млади девојки во Тетово, случаите не се пријавуваат

Група малолетници со допирање и обид за соблекување на маици, сексуално вознемирувале две девојчиња во парк, а од поголеми последици биле спасени од помлад човек.  

За оваа ситуација во Тетово за која неделава се дебатира по социјалните мрежи, според познавачите на приликите, се всушност чести проблеми на многу девојчиња но малку се пријавуваат во полиција и уште помалку се зборува за надминување на проблематиката.  

Во тетовската полиција велат дека кај нив нема пријави за сексуално вознемирување.  Евидентирани се закани до женски лица на социјалните мрежи, дека ќе им објават компромититачки фотографии или видеа.  

Минатата и оваа година во СВР Тетово нема пријавени случаи на психичко или физичко сексуално вознемирување. Но елементи на вакво вознемирување во овој период препознаени се и адекватно санкционирани со изготвување на соодветни поднесоци најчесто во пријавени случаи на злоупотреба на лични податоци преку социјалните мрежи – изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Според стручните лица, психолози и социјалните работници, пред се родителите поради недоверба на институциите не ги пријавуваат овие немили настани.  

Не било пријавено заради несигурноста на родителите. Прво ќе биде стигматизирано и ние сме полни со предрасуди дека некој ќе биде обележан за нешто што е крив. Втора работа зошто тоа да се случува на моето дете, зошто мене да ме зборат, а втора работ колку ние веруваме во институциите. Колку веруваме дека заради таквото однесување ќе биде казнет – изјави Билјана Радичевска, психолог и психотерапевт.

Сепак овие стручни луѓе велат дека тоа да не смее да се премолчува поради опасност од последици по менталното здравје на жртвата. 

Потребно е да се подигне малку свеста кај населението и луѓето, за да разговараат и да пријавуваат било какви случаи на насилство. Затоа што криењето на такви работи води кон подлабоки некакви агресивни однесувања и можат да станат жртви на таквите однесувања. Битно е кај нас е да се отвори тема и да се отворат дебати и да се разговара по училиштата – додава Радичевска.

На социјалните мрежи сведоците алармираа дека освен сексуално вознемирување имало и меѓуетнички напад во Тетово.

Александар Самарџиев